Во Противпожарната  станица во Автокоманда,  денеска свечено беше одбележан 20 мај-Денот на пожарникарите.

Прославата почна со свечено постројување на пожарникарите, а Командантот на Бригадата за противпожарна заштита Звонко Томески му поднесе рапорт на градоначалникот Шилегов.

Дозволете ми најнапред да ви го честитам Денот на пожарникарството и да ви се заблагодарам за посветеноста и пожртвуваноста која ја покажувате вршејќи ја оваа благородна професија. Од срце Ви благодарам што секојдневно спасувате животите на нашите сограѓани, ставајќи го вашиот живот во опасност – рече Шилегов.

Тој нагласи и дека Градот Скопје вложува во опремување и во модернизација на Противпожарната бригада.

Оваа година од буџетот на Град Скопје за Бригадата за противпожарна заштита одвоивме вкупно околу 134 милиони денари. Во овие средства предвидена е набавка на нова пп автомеханичка скала минимум 75 метри и набавка на две возила автоцистерни. Испорачан е нов симулатор за пламени удари што се користи за вежби преку симулација на реални услови на пожар. Набавен е нов разгласен систем и во целост се заменети гаражните врати. Ова се само дела од тековните потреби на една модерна Бригадата за противпожарна заштита – истакна Шилегов.

Во своето обраќање Шилегов посочи дека оваа опрема долго време ја очекувале и затоа  Градот ја набавува годинава, како и дека се свесни  за нивната потреба од нова и модерна опрема согласно  со европските стандарди.

Оваа година во Бригадата за противпожарна заштита предвидено е да бидат примени нови 50 пожарникари. Согласно со европските стандарди пропорцијата е еден пожарникар на 1.500 жители, додека моменталната состојбата во Скопје  е еден пожарникар на 3.500 жители. Со овие вработувања ќе се зголеми капацитетот на бригадата за справување со предизвиците при извршувањето на работните задачи, а истовремено ќе е чекор поблиску до исполнување на европските стандарди. Заштитата од пожари и безбедноста на граѓаните е од исклучително значење за Градот Скопје. Секој спасен живот на наш сограѓанин е бесценет, и без вас оваа хумана мисија би била невозможна – потенцираше Шилегов.

Пред неколку месеци потцентарот Ѓорче Петров доби нова зграда за противпожарна станица, а Градот Скопје и во иднина ќе посвети посебно внимание за развој на пожарникарството и со тоа ќе даде свој придонес ва оваа суштинска област која придонесува на хуман начин да се создадат услови за  поголема безбедност на граѓаните.