Град Скопје ќе стимулира купување и користење на превозни средства на електричен погон

Намалување на загадениот воздух Град Скопје ќе го прави преку разни мерки кои што ќе стимулираат купување и користење на превозни средства на електричен погон.

Покрај симболичниот број на електрични возила што се движат по скопските улици и за кои Градот им обезбеди услови за полнење и бесплатно паркирање на тие места, како што најави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов , предвидено е наскоро да се постават 30 нови полначи за електрични автомобили, при што на почеток, полнењето ќе биде бесплатно.

– Споредено со другите поголеми градови во Европа, Скопје има значително помалку електрични автомобили. Иако постојат повеќе поволности за користење електрични автомобили, за жал, се уште сме далеку од европскиот просек. Работиме на стимулирање на граѓаните да купуваат електрични автомобили преку обезбедување на полначи и бесплатно паркирање додека се полнат, а наскоро ќе поставиме дополнителни 30 нови полначи на кои полнењето ќе биде бесплатно – истакна Шилегов на обраќањето на форумот на тема: Намалување на загадувањето на воздухот со електромобилност.

Тој потсети дека во возниот парк на градскиот јавен превоз веќе сообраќа еден автобус на електричен погон, како и електрични скутери и велосипеди што редовно ги користат од градската администрација.

– Електромобилноста не подразбира само користење електрични автомобили, туку и електричен јавен превоз. Низ Скопје овие месеци вози електричен автобус кој е направен согласно со последните технолошки трендови во оваа индустрија. Се работи за енергетски ефикасен автобус кој троши минимално количество електрична енергија и опремен е со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови кои го загадуваат воздухот. Автобусот сообраќа пробно низ Скопје шест месеци, а претставува одлично искуство за модернизација на јавниот градски превоз – рече Шилегов.