Град Скопје ќе им ја врати Универзална сала на скопјани на која веќе две години виси клуч на врата

Град Скопје ќе им ја врати Универзална сала на скопјани на која веќе две години виси клуч на врата со цел повторно во неа да се одржуваат културно-уметнички и спортски манифестации.

Но, за да се случи тоа скопјани ќе мораат да почекаат уште некое време, бидејќи објектот е во руинирана состојба, а за да светне во полн сјај најпрво ќе треба да се направи проект, дури потоа да почне изградбата која се најавува за 2019 година.

Финансирањето на изградбата на Универзална сала ќе биде заедничко на Министерството за култура и на Град Скопје, за што првите луѓе на овие институции потпишаа писмо за намери преку кое се дефинираат активностите за унапредување на културата на подрачјето на главниот град.

– За жал, нашата метропола, поради состојбата во која се наоѓа Универзална сала, нема соодветен простор за културно-уметнички манифестации меѓу 1.000 и 5.000 луѓе. Во моментов нашите национални установи од културата во Скопје, Филхармонијата, Операта, Македонскиот народен театар и другите театри излегуваат во пресрет за да се надомести овој недостиг, но тоа создава дополнителни предизвици во нивната редовна дејност – рече министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Реконструкцијата на Универзална сала како симбол на солидарноста во изминатите години за градоначалникот Петре Шилегов беше само предмет на манипулација од претходната власт.

– Предизборно беа изработувани и презентирани во јавноста многу проекти, од кои беше реализирано само преименувањето на овој објект. Предизборните ветувања се провлекуваат уште од 2009 година. Ниту претходната локална, ниту претходната централна власт не направија напори да изградат нова сала. Години наназад никој не инвестираше во овој објект. Години нанзад Универзална сала пропаѓа – рече Шилегов и нагласи дека им ветил на “Златните славејчиња" за јубилејниот 50-ти роденден оти ќе пејат во новата Универзална сала која нема да го промени името и ќе биде според најсовремените стандарди за безбедност, удобност на гледалиштето и пристапност.

Тој посочи дека Универзална сала должи 200.000 евра на Градежниот институт Македонија за проект за Универзална кој бил нарачан, а не се знае од кого и нема средства за негово плаќање. Со оглед на тоа дека постојат неколку проекти за Универзална од кои дел не се целосно сработени, дел се изведени надвор од постапка и процедура и со необезбедени финансиски средства, Шилегов истакна дека ќе се направи обид да се изнајде најоптималното решение со цел да остане стариот изглед на салата со додавање на дополнителни содржини.

cheap nike free run 5.0