Град Скопје ќе го помага планот за чист воздух со инспекциски надзор, зазеленување, загревање и транспорт

Инспекцискиот надзор, зазеленувањето, загревањето на домовите и транспортот се четирите сегменти од Планот за чист воздух што се во надлежност на Град Скопје, а за кои се разговараше на денешниот отворен ден за иницијативи на граѓанските организации на тема „Консултација за Планот за чист воздух за 2019 година и временската рамка за спроведување на истиот“, што се одржа во Владата на Република Македонија.

- Ги засиливме инспекциите на сите потенцијални фактори на загадување. Во секторот инспекторат воведовме сменско работење и дежурства кои започнуваат од 6 часот наутро, па до крајот на денот, како и за време на празниците и викендите. Ова предизвика двојно зголемување на казните и опомените, а постигнавме и видливи резултати, значително подобрени во однос на претходните години. Во октомври 2018 година бројот на казните е двојно зголемен во однос на октомври 2017 година. Изречени се околу 220 казни, мандатни казни и налози до извршителите во однос на загадувањето на воздухот и загадувањето на средината. Голем е и бројот на пријави на телефонскиот број 193 на кој се пријавуваат огновите на отворено, а на кој работи тим од социјален работник, пожарникар, полицаец и комунален инспектор кои излегуваат на лице место. Според планот за работа на инспекторите за животна средина на Град Скопје, извршени се по две редовни контроли на сите 40 инсталации кои подлежат на Б–Интегрирана еколошка дозвола, за кои е надлежен Град Скопје. Контролите се интензивирани на градилиштата, со посебен акцент на централното градско подрачје. Се контролираат и другите поголеми градилишта во другите општини, како на територијата на Општина Аеродром каде што се сконцентрирани најголемиот број од градилиштата во моментов. Притоа се контролирани 51 градилиште и врачени се 8 казни и записници за миење на гумите, миење на улиците пред градилиштата и покривање на камионите кои излегуваат од градилиштата со церади – рече Никола Наумоски, раководител на Секторот за поддршка на градоначалникот на Град Скопје.