Град Скопје ќе го гради булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ до скопската обиколница

Гостиварската фирма „Пелагонија АД“ ќе ја реализира втората фаза од изградбата на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, на потегот од улицата „Натаниел Кучевишки“ до скопската обиколница.

Како што пишува Build, Градот Скопје пред една недела го потпиша договорот вреден 125.460.081 денари за изведба на оваа идна сообраќајница со шест коловозни ленти, велосипедски и пешачки патеки. Рокот за изведба на втората фаза е 18 месеци, по што булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ би било возможно да се користи на целата траса од населбата Бутел – 2 кон скопската обиколница

Градските власти во моментов ја привршуваат изградбата на почетната фаза од оваа сообраќајница, на потегот од крстосницата со булеварот „Босна и Херцеговина“ до улицата „Натаниел Кучевишки“.

Оваа траса се гради уште од декември 2015 година и во повеќе наврати се одолговлекуваше нејзиното пуштање во сообраќај. Сепак, без реализација на втората фаза, првичните 1.000 метри од овој булевар би завршиле во нива, бидејќи во моментов не постои соодветна инфраструктура во населбата Бутел – 1 што би го примила планираниот проток на возила.

Изградбата на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ до клучката „Бутел“ на скопската обиколница ќе овозможи растеретување на сообраќајниот метеж на улицата „Бутелска“ и ќе го намали времето на патување до центарот на Скопје за жителите од населбите Бутел – 1, Радишани и околните места.