Град Скопје ќе финансира реконструкција на улица во Кисела Вода

Советот на Град Скопје на  денешната седница  расправаше и  донесе одлука Град Скопје  да реализира голем инфраструктурен проект за целосна реконструкција на улицата Славка Динкова, општина Кисела Вода. 

Проектот  ќе се реализира преку меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Кисела Вода.

Со овој проект се предвидува изградба на атмосферска канализација, целосна реконструкција на коловозот и пешачките патеки, како и поставување на ново улично осветлување. 

Улицата Славка Динкова е една од најголемите улици во населба Драчево и истата претставува конектор - сообраќајница која ги поврзува поголемите собирни улици во Драчево со магистралната улица „Јустинијан Први“.

Проценетата вредност на овој проект изнесува 50.500.000 денари и средствата ќе се обезбедат од буџетот на Град Скопје, додека Општина Кисела Вода ќе учествува во проектот со изработка на техничка документација и решавање на евентуалните имотно правни односи.