Град Скопје ќе додели 12 милиони денари за нови подзмени контејнери

12 милиони денари субвенции ќе додели Град Скопје на Јавното претпријатие „Комунална Хигиена“ со цел набавка и поставување на уште 45 нови подземни контејнери. 

Проектот ќе продолжи да се реализира на територијата на 5 општини, кои сеуште не се определени, од причина што допрва ќе се потпишуваат договорите. Според планот, ќе се одберат 5 општини во договор на Јавното претпријатие и Градот, а во нив контејнерите ќе бидат разместени на 15 микролокации, односно по 3 контејнери на секоја микролокација. Контејнерите ќе бидат наменети за селектирање на отпад, па така два од трите ќе бидат за мешан отпад, додека еден ќе биде за пластична амбалажа. 

Досега проектот се спроведуваше во 3 фази, кога беа поставени 36 подземни контејнери на 12 микролокации во Гази Баба, Чаир, Кисела Вода и Аеродром. Претходно, проектот го започна Општина Центар која на својата територија постави 46 контејнери на 17 микролокации. Од досегашното искуство, ЈП „Комунална Хигиена“ и Град Скопје се задоволни од резултатите, воедно двете институции учествуваат во финансирањето на проектот со ист удел.