Град Скопје ќе адаптира дел од дигиталните проекти и платформи на Атина

Европската комисија во ноември минатата година ја одбра Атина за „Европска престолнина на иновативност за 2018“, а сега во грчкиот главен град се одржа конференција токму за оваа награда и имплементација на иновативните решенија за подобрување на секојдневието на граѓаните.

На конференцијата, учествуваа и претставници на град Скопје, Никола Гаџовски, раководител на секторот за планирање и уредување на просторот и Тони Масевски, советник за стратегија и развој во кабинетот на градоначалникот на град Скопје.

Масевски беше дел и од панел дискусијата, а во разговор со дописничката на МИА од Атина, говори за соработката на македонската и грчката престолнина, за проектите на општина Атина, кои би можеле да се адаптираат и применат во град Скопје.

-Градот Скопје е еден од 12те градови кој учествува во проектот „Хоризонт 2020“, финансиран проект, во кој Атина е град од кој што ние преземаме искуства за примена на алатки за зголемување на демократската партиципативност на граѓаните во процесот на донесување одлуки и генерално во јавниот живот. Ние како град имаме улога на град репликатор, еден од трите градови репликатори, покрај Болоња и Лисабон, вели Масевски.

Тој објаснува дека една од идеите е детално да се разгледа атинската дигитална платформа „Син Атина“ која е комплетно применлива кај нас, како платформа која ќе го зголеми интересот на граѓаните во јавниот живот.

-Тоа е дигитална платформа на која регистрирани граѓани, групи на граѓани, индивидуалци, сите стејкхолдери во општеството, можат да придонесат со објавување на настани што ги организираат а се од интерес од јавниот живот. Со тоа, јавниот живот во градот почнува да станува организиран и од самите граѓани. Вториот момент е како тие граѓани, откако ќе се регистрираат, стануваат активни учесници со перманентно давање на свое мислење преку таа платформа. Регистрирањето значи дека имате право да дадете мислење, не значи дека вашето мислење се брои односно станува анонимно индивидуално, објаснува за МИА советникот за стратегија и развој во кабинетот на градоначалникот на град Скопје и додава дека со ваквата платформа граѓаните би имале каде да го кажат своето мислење, а „администрацијата согласно правилата и прописите мора тоа да го адаптира, не секогаш е применливо нивното мислење, меѓутоа гласот на граѓаните се слуша и е отворен за секој да го види да го прочита“.

На база на оваа платформа и дигиталниот совет што го има Атина, беше доделена и наградата од Европската комисија. А токму ова се и проектите што би можеле да се адаптираат во град Скопје.

-Ние сега работиме на преземање на целиот план на организациската структура на комитетот што работи на тоа, а се вика Digital council. Тоа е поширока платформа на стејкхолдери кои се инволвирани во процесот на осовременување на градовите. Атина е прв град што го направи тоа. Digital council собира повеќе стрјкхолдери. Тој модел го разгледуваме да го адаптираме кај нас како и Син Атина платформата за граѓанска партиципативност. Тие се двете работи кои во скоро време сериозно размислуваме да ги примениме кај нас, вели Масевски во однос на следните проекти.

На панел дискусијата во рамки на конференцијата, организирана од општина Атина, еден од дискутантите беше и заменик градоначалникот на Солун одговорен за туризам и меѓународни односи, Спирос Пенгас. Масевски вели дека соработката со градот Солун почна минатата година со посета на градоначалникот на Солун на Скопје.

-Од тогаш имавме сериозни работни групи на неколку теми една од темите со која разговаравме точно со Спирос Пенгас, беше заедничко организирање на културни настани, односно спојување на културни агенди на градот Скопје и градот Солун. Соработката е почната, условите за соработка се феноменални. Луѓето од администрацијата од Солун со раширени раце ја прифатија иницијативата за соработка, можам да кажам дека јас сум апсолутно шокиран и од приемот во Атина. Во Атина нѐ третираат како мало бебе на кое што ќе му пружат родителска помош, вели Масевски.

Иако контактите на град Скопје со Солун и Атина почнаа уште пред потпишувањето на Договорот од Преспа, сепак, советникот за стратегија и развој во кабинетот на скопскиот градоначалник вели дека сега, политичката клима е целосно променета, а постои простор за меѓусебно помагање во одредени проекти за кои едниот или другиот град има поголемо искуство или повеќе знаење.

-Соработките се отворени. Имаме повици да не речам бомбардирање од страна на културни институции кои сакаат да остварат соработка и билатерални проекти на ниво на иновациски менаџмент. Она што го прави Атина е многу интересно за град Скопје. Од друга страна ние имаме малку повеќе знаење во имплементирање на проекти во мултикултурни средни, тоа што им се случува нив сега со бегалците. Стануваат мултиетнички мултикултурни средини, Од друга страна ние го даваме фидбекот на тоа поле, вели Тони Масевски, советникот за стратегија и развој во кабинетот на градоначалникот на град Скопје, во разговорот со дописничката на МИА од Атина.