Град Скопје го тргна Ќосето од пред судот

Доцна синоќа беше отстранет споменикот на Андон Лазов Ќосето,и однесен во магацините на Металскиот завод Тито.

Работниците рекоа дека налогот за оваа операција бил издаден од град Скопје.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски лани во ноември изјави дека има сериозни грешки во спроведувањето на процедурите и надлежностите. Културното наследство не само што не било соодветно третирано, туку било злоупотребено, вели министерот за култура.

На 3 ноември 2017 ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека сѐ што СДСМ ќе сруши и уништи од она што е создадено, веднаш по враќањето на власт ќе биде обновено и вратено таму каде што било и такво како што било и ќе биде покрената одговорност за секој кој сега ќе учествува во разни рушења, уништување или преместувања и слично.

Споменикот на Андон Јанев-Ќосето беше поставен пред Врховниот суд во 2014 година како донација на Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин за град Скопје. Ова здружение донираше уште четири споменици.