Град Скопје го менува начинот на давање финансиска поддршка за граѓаните

Процесот на доделување на субвенции за набавка на печки на пелети оваа година претрпува измени.

Наместо како досега кога скопјани мораа да приложат доказ дека печката на пелети ја купиле во рокот кога бил распишан јавниот повик, што беше услов да добијат финансиска поддршка од Град Скопје, од оваа година повиците за субвенционирање ќе се распишуваат на почетокот на годината и ќе важат се додека не се потрошат парите за оваа намена за што во буџетот за 2019 година се предвидени 15 милиони денари (244.000 евра).

Од Градот сметаат дека со отворениот повик им се овозможува на купувачите полесно да дојдат до средствата што им се потребни, а истовремено ќе набават печки со кои ќе придонесат за подобрување на условите во животната средина.

– Давањето субвенции за набавка на печки на пелети создава услови за поголем број граѓани да се одлучат да инвестираат средства за нов начин на греење, со кој ќе се намали загадувањето, односно поттикнување за примена на почисто гориво и поквалитетни печки, како и промовирање на енергетската ефикасност преку користање на благодетите на дрвната биомаса – пелетите, Исто така, ќе се поттикне производството на пелети со отворање на нови погони и нови работни места – велат од Град Скопје.

Субвенционирањето на купување печки на пелети почна во 2016 година и во изминативе три години вкупно 976 домаќинства ја искористија можноста да го променат начинот на затоплување.

Отворени повици без рокови се предвидуваат и за субвенционирање на граѓаните за купување на топлотни пумпи или соларни панели за затоплување, како и за интертери, За овој уред за затоплување во ланскиот Буџет на Град Скопје беа предвидени средства, но потоа, со ребалансот истите беа пренаменети. За овие три типа на уреди за затоплување се предвидени 20 милиони денари субвенции.