Град Скопје ги вклучува неформалните собирачи на отпад во формален систем

Град Скопје денеска потпиша Меморандум за соработка со ЈП „Комунална хигиена“, Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Go green“ и Здружението Ромски бизнис информативен центар во Македонија со цел унапредување на соработката во управувањето со отпад.

- Со овој Меморандум се обврзуваме дека заеднички ќе дејствуваме и соработуваме во интерес на подобрено управување со отпадот, унапредување на центрите за собирање, селектирање и складирање на отпадот на ниво на Град Скопје. Дополнително со ова ќе се постигне формализирање на неформалните собирачи на отпад и нивно вработување во организираниот систем за управување со отпад, рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Тој појасни дека веднаш ќе почнат со работа и оти во Скопје има околу 1.400 неформални собирачи на отпад. Идејата, како што рече, е да се прекине со претурање по контејнери, а отпадот да го собираат од домовите на граѓаните во Скопје. Предвидено е и отворање на трета претоварна станица во Шуто Оризари.

- Наша крајна цел е во соработка со Министерството за труд и социјална политика овие луѓе да станат дел од ЈП „Комунална хигиена“, рече Шилегов.

Појасни дека со Меморандумот се предвидува едукција на неформалните собирачи на отпад. Изрази надеж дека тие потоа ќе можат да им понудат вреќи за отпад на граѓаните за отпадоци во кои тие ќе може да го селектираат отпадот и да го оставаат пред своите домови или, како што рече, ќе имаме еден вид собирачи на отпад од дома. Се очекува ваквото собирање на отпад да започне во Скопје за околу еден месец. Подигањето ќе се врши рачно од домовите на граѓаните, а ќе се користи и дел од инфраструктурата на ЈП „Комунална хигиена“. Лицата ќе бидат униформирани и засега ќе немаат давачки кон Град Скопје.