Град Скопје ги повикува граѓаните да вдомат кучиња од "Вардариште"

Град Скопје и стационарот за бездомни животни „Вардариште“ ги информираат и воедно ги повикуваат граѓаните да го посетат стационарот и да вдомат куче.

Кучињата што чекаат да бидат вдомени, по пристигнувањето во Стационарот се прегледани од ветеринарен доктор, при што е констатирано дека не се агресивни и немаат никакви заболувања. Тие поминале целосен медицински третман, во чиишто рамки се стерилизирани, прочистени од внатрешни и надворешни паразити и вакцинирани од беснило.

Сакаме да ги информираме сите заинтересирани граѓани и потенцијални згрижувачи на кучиња, дека од вторник до сабота, во терминот од 09 до 13 часот, можат да го посетат стационарот „Вардариште“ и да си одберат куче за вдомување. Кучињата на вдомувачите им се отстапуваат без паричен надоместок.

Во моментов, во стационарот „Вардариште“ четириесет кучиња чекаат да бидат згрижени. Доколку не бидат вдомени, тие ќе бидат вратени на скопските улици.

Кучињата од фотографиите во моментот се наоѓаат во стационарот и Ве очекуваат да дојдете и да ги згрижите, односно да им дадете љубов и топол дом.