Град Скопје формира ново јавно претпријатие за хуман третман на животни скитници

Советот на Град Скопје на денешната седница донесе одлука за формирање јавно претпријатие за хуманиот третман на животните скитници, а новото претпријатие ќе го носи името Лајка.

Новото јавно претпријатие ќе се формира од постојните служби што досега функционираа во рамките на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, а истото ќе ги преземе сите активности, каде што спаѓаат заловување на животните скитници, нивниот транспорт до стационар, прием и преглед од овластен ветеринар, лабораториско испитување на животните на одредени болести, стерилизација, постоперативно сместување, лекување и нега, ветеринарна грижа, идентификација и регистрација, вакцинација и дехелментација, враќање на местото на заловување или преземање процедури за вдомување од заинтересирани граѓани.

Формирањето на ново јавно претпријатие кое ќе се занимава исклучиво со оваа проблематика е потребно од повеќе причини, пред се поради недостатоците на досегашниот систем на работа со бездомните животни, што резултираше со зголемено присуство на кучињата скитници на јавните градски површини и притоа  претставуваат реална опасност за безбедноста на граѓаните. Во текот на 2018 година против Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена поднесени се над 200 тужби за надомест на штета заради напад и гризнување од бездомни кучиња.

Новиот систем ќе овозможат Градот Скопје  стратешки  да се справи со проблемот на животните скитници од скопските улици преку воспоставување поефикасна контрола над популацијата на бездомните кучиња на подрачјето на град Скопје. Токму затоа во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе бидат вклучен и невладиниот сектор со искуство во  сферата на заштитата на животните, со цел бројот на кучињата скитници да биде сведен на минимум и тоа на начин кој ќе обезбеди нивна благосостојба, но истовремено да гарантира безбедно и непречено движење на граѓаните на јавните градски површини.

Покрај оваа точка, Советот на Град Скопје на денешната седница ќе расправа за повеќе одлуки, меѓу кои: Одлука за уредување, ревитализација, одржување и заштита на Скопско Кале; Одлука за потребата од определување на заштитни зони на бунарското подрачје Нерези-Лепенец; Одлука за примање на донација на дронови и термална камера; Одлука за набавка на велосипеди и електрични тротинети; Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје; Одлука за определување на максимален износ за доделување на поединечна субвенција на граѓани за купување велосипеди во 2019 година; Одлука за дефинирање на локација за поставување на урбана опрема за спортско-рекреативни активности (ZIP Line); Одлука за воспоставување  меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Центар за изработка проектна документација, реализација и одржување на јавни површини; Одлука за воспоставување  меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Карпош за изработка проектна документација, реализација и одржување на јавни површини; Одлука за воспоставување  меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Аеродром за изработка проектна документација, реализација и одржување на јавни површини; Одлука за давање согласност на Инвестиционата програма на ЈП „Улици и патишта“-Скопје, за 2019 година; Одлука за давање согласност на Одлуката за дополна на Инвестиционата програма на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје, за 2019 година; Одлука за давање согласност на Одлука за давање  донација на движен имот специјално возило пајак; како и Одлука за давање согласност на Извештајот за остварените резултати од работењето на ЈСП „Скопје“-Скопје за периодот јануари-декември со финансиски показатели за четвртиот квартал 2018 година.

Покрај одлуките, Советот на Град Скопје на седницата ќе расправа за следните извештаи и програми: Програма за изменување и дополнување на Програмата за финансирање на јавните установи и активностите од областа на културата од интерес на Град Скопје, за 2019 година; Програма  за субвенционирање на граѓаните за набавка на посовремени уреди за затоплување за 2019 година; Извештај за спроведување на Програмата за управување со отпад на подрачјето на Град Скопје за 2018 година; Извештај за реализација на програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на град Скопје за периодот од 01.01.2018-31.12.2018 година; Годишен извештај за работата на Комисијата за унапредување на правата на пациентите на Град Скопје за 2018 година; Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за финансирање на јавните установи и активностите од областа на културата од интерес на Град Скопје, за 2019 година; Извештај за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2018 година за периодот од 01.01. до 31.12. 2018 година; Извештај за извршениот попис на средствата и изворите на средствата на Град Скопје за 2018 година; Годишна сметка на Буџетот на Град Скопје за 2018 година; Годишен Извештај на Град Скопје за 2018 година; Буџетски календар за 2019 година; Информација за резултатите од изготвената експертиза за определување на границите на бунарското подрачје Нерези-Лепенец и  Информација за реализација на субвенционирање на граѓаните на подрачјето на град Скопје за купување печки на пелети и за чистење оџаци во 2018 година.