Град Скопје достави препораки до општините

Во насока на стимулирање на зголемена употреба на еколошки превозни средства, намален метеж во сообраќајот и намалено загадување на воздухот од употребата на моторни возила, Град Скопје достави до скопските општини препорака за носење одлука со цел воведување задолжителни паркинг места и простор за велосипеди во рамки на градежните парцели при издавање на одобренија за градба за нови објекти, како и за усогласување на инфраструктурата кај веќе изградените објекти.

- Одлука која би се донела на општинско ниво е важна со цел инвеститорите на нови станбени и деловни објекти во рамки на градежната парцелата да предвидат и соодветни паркинг простори за велосипеди. Со ваква одлука со која би се задолжиле инвеститорите кои поднесуваат барање согласно Законот за градење да обезбедат паркинзи за велосипеди секаде каде има простор и можност за истите да се постават, значително ќе се придонесе за подобрување на инфраструктурата и стимулирање на зголемено користење на велосипедите, информираат од Град Скопје.

Во продолжение следат препораките од градот до општините.

- Со наложување на минимално потребен број на паркинг места за велосипеди кај новите, но и кај станбени згради кои треба да се реконструираат, се обезбедува стандардизирање на уредувањето и обезбедувањето на паркинзи за велосипеди во рамки на една градежна парцела, што треба да е соодветно прилагодено согласно бројот на станбени единици и бројот на паркинг места за моторни возила.

- Се препорачува со одлука на општината да се утврди од вкупниот број паркинг места за велосипеди, истите да бидат заштитени од кражба и атмосферски влијанија, правно усогласени со документацијата која е дел од постапката за издавање на одобрение согласно Законот за градење.

- Се препорачува со одлука на советот на секоја од општините да се предвиди, за веќе изградените станбени и деловни објекти да ја уредат и усогласат инфраструктурата и опремата за паркинг за велосипеди во соодветен рок утврден со донесената одлука.

- Едновремено Град Скопје во изминатата година обезбеди паркинзи за велосипеди во сите 23 градски средни училишта со цел стимулирање на здрави навики кај младите и користење на велосипедот, при што се препорачуваме на скопските општина во училиштата и институциите кои се под општинска надлежност да се воведат соодветни паркинг простори и места.