Готов проектот за изградба на автопатот Скопје - Блаце

Изградбата на автопатот од Скопје до Блаце е врвен инфраструктурен приоритет за Владата, бидејќи имаме значителна економска размена со Косово и ќе се обидеме што побрзо да биде реализиран, најави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

– Проектот за патот од Скопје до Блаце во должина од 13 километри, чија проценета вредност е 63 милиони евра, е завршен и е на ревизија. Зборувавме и со Европската банка за обнова и развој да ја финасира изградбата на автопатот, рече Анѓушев.

Тој нагласи дека Македонија ќе биде посветена делницата од 13 километри што побрзо да се  направи.

– За автопатот досега немаше техничка документација. Сега е направена и во тек е нејзината ревизија, а парите ќе бидат одредени и детерминирани како приоритетни, посочи Анѓушев.

Порача дека државата треба да им помогне и на претпријатијата во зоната во Визбегово која сама се има развиено.

– Државата треба да посвети внимание и да им помогне на претпријатијата во зоната.  Работиме на тоа да изнајдеме средства и да решиме некои нивни инфраструктурни проекти, рече Анѓушев.