Гостиварец дал 21.000 евра за изградба на куќа, но добивал само фотографии од наводна градба - измамникот потоа престанал и да се јавува

35-годишен гостиварец останал без 21.000 евра, кои во неколку наврати ги исплатил како аванс на лице со кое претходно склучил писмени договори за изведување на градежните работи.

Случајот бил пријавен синоќа во 19:45 часот, во ОВР Гостивар.

Според пријавата, оштетениот претходно стапил во контакт со лицето С.С. преку социјална мрежа, по што се договориле за изградба на куќа.

Пријавителот навел дека лицето го довело во заблуда испраќајќи му фотографии од наводни градежни активности. По извесен период, С.С. престанал да одговара на телефонските повици, а договорените работи не биле извршени.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.