Горештините го оптоваруваат и мозокот: Раздразливост, несоница и зголемена анксиозност

Од Центарот за невропсихологија, психотерапија и психодијагностика „Когниција“ посочуваат дека високите температури не влијаат само врз физичкото здравје, туку и значително го менуваат психолошкото функционирање на човекот.

„Како што живата во термометарот се искачува, така често се менува и нашиот внатрешен психолошки пејзаж. Ефектот на топлината врз раздразливоста е добро познат феномен. Бидејќи нашето тело веќе е во состојба на физички стрес поради горештината, тој внатрешен немир несвесно го пренасочуваме кон луѓето околу нас“, велат од Центарот.

Според нив, екстремните горештини можат да влијаат и врз когнитивните способности, бидејќи организмот троши значителна енергија за одржување на телесната температура, што резултира со потешка концентрација, повеќе грешки и намалена ментална издржливост.

Оттаму додаваат дека високите температури го нарушуваат и квалитетот на сонот, бидејќи за телото да потоне во длабок сон, неговата внатрешна температура треба да се намали. Кога ноќите се тропски и топли, овој процес е отежнат, што доведува до исцрпеност.

Посебно ранливи се лицата кои се соочуваат со анксиозност, депресија и други нарушувања на менталното здравје. Физичките реакции на топлината, како што се потење, треперење и забрзана работа на срцето, можат да наликуваат на симптоми на паничен напад и дополнително да ја засилат анксиозноста.

Поради тоа, од Центарот за невропсихологија, психотерапија и психодијагностика апелираат граѓаните во деновите со екстремно високи температури да ги намалат очекувањата од себе и од другите, да си овозможат повеќе одмор и да посветат внимание на своето ментално, но и физичко здравје.