Студенти од Универзитетот во Кент, Велика Британија, каде предаваше македонски драматург Горан Стефановски, со онлајн петиција побараа една од зградите на универзитетот да го носи името на нивниот професор.

„Горан беше неверојатен човек и неверојатен предавач, па дали има подобар начин да му оддадеме чест, од тоа што ќе ја именуваме новата зграда по него“, стои во онлајн петицијата насловена „Именувајте ја новата зграда на Универзитетот во Кент по Горан Стефановски“ (Name the new CCCU building after Goran Stefanovski).

Како што објави македонската новинарка што живее во Лондон, Маја Петрушевска, на нејзиниот Фејсбук профил,  неговите пријатели, колеги, студенти и семјеството, вчера се простија од великанот.

„Во преполната сала исполнета да последното ќоше, седечки и простум, немаше игла каде да се фрли. Со грутки во стомакот, срцето, солзи во очите и со љубов и почит за Горан. Сите, до еден. Неговите студенти започнаа петиција една од зградите на Универзитетот во Кент каде што беше професор ѕвезда, да го носи неговото име. Горан не дочека со Зајди, зајди. Не испрати со Strawberries field forever. Се простивме со Горан. Со национално богатство не може никој да се збогува! А Горан е повеќе од тоа!“, напиша Петрушевска.

Горан Стефановски ненадејно почина во Лондон минатата недела, на 66 годишна возраст.

Горан Стефановски (роден во Битола, 27 април 1952) е македонски драмски писател. Завршил Филолошки факултет во Скопје, англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“.