Големите сметки за греење удрија по џебот на граѓаните

Долгата и студена зима најмногу им го празни џебот, кога се работи за сметките за греење.

Доколку домаќинството има двотарифно броило цената на електричната енергија се движи од 5,54 денари за скапата до 2,78 денари за евтината тарифа. Ако, пак, се знае дека евтина тарифа има во периодот од 22 до 7 часот, кога најчесто не се грее, и секој ден од 14 до 16 часот, а во недела цел ден, лесно може да се оцени дека за затоплување со двотарифно броило треба да се одвојат повеќе средства. Доколку, пак, се загрева целиот станбен простор сметката за струја месечно може да изнесува и до 10.000 денари.

Цената би била речиси двојно помала доколку се грее со инвертер (клима уред што работи на пониски температури и троши помалку електрична енергија од вообичаените клими), но ваквиот вид на греење експертите не го препорачуваат како главно, туку само како помошно, бидејќи при екстремно ниски температури под – 15 степени Целзиусови инвертерот најчесто не може да работи или не може доволно да загрее.

Според пресметките околу 24.000 денари треба да одвои едно семејство за 6 месечната грејна сезона.Нешто помалку ги чини семејствата што се греат на дрвја, годишно плаќаат минимум околу 14.000 денари.

Според ценовникот на македонски шуми, цената за буково огревно дрво е 2.380 денари метар просторен плус данокот.Дабовото огревно дрво пак е околу 2. 500 денари плус ДДВ.  Дополнително, се плаќа и транспортот и товарот на дрвјата.

Според јавното претпријатие „Македонски шуми“, семејствата одделно годишно купуваат од 6 – 10 метри просторни дрвја. 

Најевтино достапно греење во Македонија е со огревно дрво, а доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас. Во моментов гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и Струмица, а во останатите делови од земјава се уште нема соодветна гасоводна мрежа.Годинава ќе бидат изградени 80 километри гасовод, најавија надлежните. 

Субвенциите причина за заживување на греењето на пелети

Со субвенциите за купување на печки на пелети го зголемија бројот на граѓани што се греат со овој енергенс. Субвенцијата во Град Скопје изнесува 70 отсто од вредноста на печката на пелети, но не повеќе од 30.000 денари, а мерката не ги опфаќа домаќинствата што имаат приклучок на градското централно греење.

Печката на пелети троши од 10 до 15 килограми пелетни дневно, а цената на пелетите во зависност од квалитетот и тежината во малопродажните објекти се движи од 160 денари за 10 килограми до 260 денари за 15 килограми. Од тоа произлегува дека месечните трошоци изнесуваат над 5.000 денари или околу 30.000 денари на годишно ниво за загревање на површина од околу 60 метри квадратни.