
Во тек е голема меѓународна координирана акција против организирана криминална група, информира вечерва Министерството за внатрешни работи. Акцијата ја спроведува Одделот за криминалистичка полиција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и со надлежните служби од Косово и Грција.
Како резултат на повеќемесечна истрага, денеска во Солун биле лишени од слобода еден македонски и еден косовски државјанин. При контрола на товарно моторно возило, во приколката биле пронајдени и запленети 324 килограми марихуана, скриени во осум палети со хартија.
„Во рамки на акцијата, Одделот за криминалистичка полиција заедно со повеќе сектори за внатрешни работи врши претреси на повеќе локации на територијата на државата“, информираат од МВР.
Претресите продолжуваат со цел откривање на евентуално други инволвирани лица, како и обезбедување дополнителни докази и предмети поврзани со кривичното дело.