Голема француска студија: Вакцинираните против Ковид по 4 години имале 50% понизок ризик од смртност

Една од најобемните досега научни анализи за последиците од Ковид-вакцинацијата донесе јасен заклучок: mRNA вакцините не го зголемуваат долгорочниот ризик од смрт од каква било причина, а ризикот од смрт кај невакцинираните лица е дури 50% повисок.

Студијата, спроведена на речиси 30 милиони возрасни лица во Франција, директно ги демантира и тврдењата за таканаречениот „турбо рак“ кои кружат на социјалните мрежи меѓу антивакциналните групи. Напротив, податоците покажуваат дека невакцинираните имале поголема инциденца на заболувања, вклучително и карцином.

Истражувањето го спроведе француската епидемиолошка група Epi-Phare, која обединува експерти од Националната агенција за безбедност на лекови (ANSM) и системот за здравствено осигурување. Податоците биле анализирани за период од 2021 до 2025 година, и се однесуваат на лица на возраст меѓу 18 и 59 години.

Од вкупно 30 милиони анализирани лица, 23 милиони примиле најмалку една доза вакцина, додека околу 6 милиони останале невакцинирани. Повеќето примени вакцини биле од типот mRNA (Pfizer/BioNTech и Moderna).

Што покажаа резултатите?

Во текот на четиригодишното следење:

  • кај вакцинираните, починале 0,4% од лицата

  • кај невакцинираните, починале 0,6%

Тоа претставува 50% повисока смртност кај невакцинираните.

По дополнителна статистичка корекција, истражувачкиот тим заклучува дека вакцинираните имале 25% понизок ризик од смртност од сите причини.

„Со висок степен на сигурност можеме да кажеме дека нема зголемен ризик од смртност по вакцинирањето против Ковид“, изјави професорот Махмуд Зуреиќ, кој го предводел истражувањето.

Резултатите се објавени во реномираното научно списание JAMA Network Open, кое важи за едно од најстрогите во поглед на прифаќање научни трудови, со стапка на селекција од само 12–15%.