Голема ботаничка градина со автохтони видови растенија ќе гради во Скопје

Скопје ќе добие голема ботаничка градина со различни видови растенија кои денес можат да се сретнат во сите делови од земјата. За таа цел Градот  распиша тендер за изработка на техничка документација за изградба на стакленик за алотохни растенија во ботаничка градина, со проценета вредност од 2,5 милиони денари. На огласот најповолна понуда доставила фирмата „Архиум Љупчо“ ДООЕЛ од Скопје која понудила најниска цена од 1,725 милиони денари, поточно околу 28.000 евра.

Предвидено е во градината, која ќе биде во рамки на Зоолошката градина, да има автохтони видови растенија кои се природно распространети во Македонија, како и алохтони видови, односно растенија внесени однадвор, односно биле засадени кај нас намерно или ненамерно. Исто така, ќе има и ендемитни растенија специфични само за Македонија.

Од Градот објаснуваат дека подигнувањето ботаничка градина ќе биде од исклучително значење за научно-образовниот процес, бидејќи на едно место ќе може да се видат Природно-научниот музеј, Зоолошката и Ботаничката градина.

Локацијата на Ботаничката градина зафаќа површина од приближно 2 хектара. Просторот на кој се предвидува изградбата во изминативе години е целосно парковски уреден, што значи дека е опремен со инфраструктура за автоматско полевање, осветлување, има пешачки патеки, дрвени мостови, перголи и павилјони. Подигнати се и тревници, дрвни алохтони видови и розови насади. 

Во градината ќе има повеќе вегетациски зони како зона за балкански ендемити и реликти, автохтони, алохтони, степски и полупустински растенија, алпинетум, стакленик со тропски растенија и хербална градина. Зоната со балкански ендемски и реликтни видови растенија, како и зоната со алохтона дендрофлора, покрај научно-едукативната намена треба да го зголеми репрезентативното и туристичкото значење на локалитетот.

Стакленикот е предвиден со површина од 200 до 250 квадратни метри и максимална висина од шест метри. Тој ќе треба да содржи центар за посетители, изложбено- продажен простор, канцелариски и друг помошен простор. Предвидено е објектот да има повеќе намени, да содржи простор каде што ќе бидат одгледувани тропски растенија, дел во кој ќе биде поставен изложбен хербариски материјал од македонската ендемска и реликтна флора, простор за продажба на семе и контејнерски садници, информативен дел, читалница со мала библиотека со стручни материјали, кафетерија, простории за стручниот и техничкиот персонал, простор за алат и опрема и тоалети за посетителите. 

Репроцентарот, пак, треба да биде до 50 квадрати и да содржи мал расадник за производство на автохтони видови кои би се користеле за размена со други ботанички градини, потоа простор за продажба за посетители, за научни истражувања и друго. Овој објект може да биде предвиден и како мал пластеник или отворена површина за вегетативно размножување на специфични видови и како простор за адаптација на видови донесени од различни еколошки подрачја