Голема Богородица - доаѓа празникот на закрилничката на Скопје

Неделава ни доаѓа голем празник. 

Во четврток, 28 август, православните верници ќе го одбележат големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, во народот познат како Голема Богородица.

Денот е неработен за православните верници. 

Празникот го одбележува земниот крај на Пресвета Богородица, а Црквата го нарекува „успение“ – термин што означува сон, мир и духовно вознесение. Според преданието, Богородица веднаш по смртта била вознесена на небото и станала најголем застапник на луѓето пред Бога.

Во македонските цркви и манастири може да се сретнат уметнички претстави на овој настан, најчесто поставени над влезните порти. Вообичаен е и обичајот на тој ден верниците да не вршат физичка работа, а се верува дека водата со ронка боја од иконата на Богородица има исцелителна моќ.

На празникот именден слават многумина што го носат името Марија, Мара, Марена, Марица, Марјан, Маријана и нивните изведеници. 

Празникот Успение на Пресвета Богородица е еден од дванаесетте најголеми христијански празници, посветен на денот кога таа се преселила на небото.

Богородица се смета за заштитничка на сите христијани и на градот Скопје. Традиционално, масовен црковно-народен собир се одржува во манастирот во Долна Матка. Во манастирот во Матка, традиционално има вечерна литургија, полноќно бдеење и утринско чествување.