Голема акција за пошумување на населеното место Ајватовци

2 илјади садници од видот даб, чемпрес и багрем, се засадија денеска во населеното место Ајватовци, во рамките на голема еколошка акција. 

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, рече дека грижата за екологијата и здравата животна средина е врвен приоритет за него како градоначалник на Општината.

-Акцијата се реализира во рамки на проектот „Зелена Општина Илинден“, во соработка со „Treebanks“ - непрофитна организација во секторот за зачувување на животната средина. Пошумувањето е природно добро од општ интерес и обврска е на секој од нас активно да работи во подобрување на еколошката свест, со тоа ќе придонесеме да имаме чист воздух и здрава животна средина. Општина Илинден и во иднина интензивно ќе работи на пошумување, в недела ја продолжуваме нашата акција „Зелена Општина Илинден“ во населено Миладиновци, ќе бидат засадени околу 27.000 садници на простор од 10 хектари - истакна Георгиевски.