Голем шумски пожар беснее во Анталија, евакуирани стотици жители – повредени најмалку осум лица

Голем шумски пожар избувна во турската покраина Анталија, на медитеранскиот брег, при што стотици жители беа евакуирани, а најмалку осум лица побарале медицинска помош.

​​​​​​​

Пожарот избувнал во текот на ноќта во областа Аксу, во близина на Анталија, а силниот ветер дополнително го разгорел огнот и овозможил негово ширење кон соседниот Кепез.

Според досегашните информации, две лица се хоспитализирани поради повреди на нозете, додека уште шест лица добиле медицинска помош на местото на пожарот поради вдишување чад.

Поради опасноста од ширење на огнот, властите наредиле евакуација на жителите од најмалку 254 куќи во областите Аксу и Кепез. Привремено е затворен и патниот правец што ги поврзува Анталија и Испарта. Во гаснењето се ангажирани големи број сили и техника. На терен се испратени најмалку пет противпожарни авиони, 10 хеликоптери, околу 110 противпожарни возила и 600 припадници на службите за итни интервенции.

Пожарот предизвика и прекини во снабдувањето со електрична енергија, при што повеќе од 2.000 домаќинства во регионот останале без струја. Властите презедоа мерки и за заштита на животните. Од засолниште во Аксу биле евакуирани повеќе од 100 кучиња, кои биле префрлени на безбедна локација поради приближувањето на пламенот и густиот чад.

Во меѓувреме, пожарникарските екипи се борат и со други шумски пожари во соседните турски провинции Адана и Мерсин.

Ситуацијата на теренот и понатаму се следи, додека силниот ветер им ја отежнува работата на екипите кои се обидуваат да го стават пожарот под контрола.