Голем хепенинг за подобар свет и хуманост во Градскиот парк

На Школка во Градскиот парк денеска со почеток во 11 часот ќе се одржи најголемото и најблагородно дружење кај нас со цел ширење добрина и хуманост. На иницијатива и во организација на женската хуманитарна организација Inner Wheel Club Skopje Europea веќе втора година Македонија е дел од најголемото глобално движење наречено „Продолжи понатаму“, кое се одбележува на 28 април.

Истовремено, и на истата локација од страна на „Аутизам МК“ ќе биде организиран настанот „Да растеме заедно“, со кој се заокружува април како месец посветен на подигнување на свеста за аутизмот како една поинаква состојба, но сепак слична. Настанот ќе биде со богата програма првенствено за најмладите, ќе учествуваат многу уметници: Мијата, Игор Узунов, момците од Fuzz Buble, диџеј ќе биде Александар
Матовски – Цако, танчари од Dancers United, кои се со Даунов синдром, Снежана Матовска ќе учествува со свој рецитал посветен на децата со аутизам.

Околу сцената ќе има ликовна работилница, „Театроск“ со живи статуи, пантомимичар и изложба на цртежи на едно девојче со аутизам. Ќе има многу подароци за посетителите, а организаторите на овие два настана праќаат единствена и уникатна порака за ширење добрина, за прифаќање на различностите и емпатија меѓу луѓето. Многу компании и институции несебично ја дадоа својата поддршка за организација на овој настан верувајќи дека инклузијата и добрината се единственото што може да го направи светот поубаво место за живеење.