Голем дефект во Влае – половина Скопје без вода, поплавени улици и дворови

Една од главните водоводни цевки вечерва пукна во скопската населба Влае. На социјалните мрежи се споделува видео на кое се гледа дека е поплавена цела улица, а водата навлегува во дворовите и подрумите на куќите.

Во меѓувреме, граѓани јавуваат дека без вода се делови од Хром, Ѓорче Петров, Влае и Карпош, додека во Центар и Аеродром има значително намален притисок.

Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје вечерва соопштија дека дефектот се наоѓа на улица Франце Прешерн бр. 100Д, каде пукнала водоводна цевка со дијаметар од 600 милиметри.

„Поради сериозен дефект, со прекинато водоснабдување ќе биде голем дел од градот, а останатиот дел ќе биде со намален притисок. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на работните активности,“ информираат од јавното претпријатие.