Годишна сесија на УНЕСКО, Венеција и понатаму заштитено богатство, за Охрид неизвесно

УНЕСКО денеска ја одржува 44-та годишна седница на која се одлучува за зачувување или променување на статусот на заштитените природни богатства. 

Италијанскиот град Венеција останува нивно заштитено подрачје, со оглед на тоа што Италија веќе воведе одредени рестрикции во начинот на кој располага со водните капацитети на овој град. Тие имаат рок до крајот на 2022 да известат за подобрувањето на состојбата на венециските канали. Со ова, Венеција за малку избегна да се најде на листата на загрозени заштитени подрачја. 

Од друга страна пак, ќе се расправа и за нашиот Охрид. Од УНЕСКО со години предупредуваат дека Охридското Езеро е сериозно загрозено поради постојаната урбанизација и градење околу него, со што се нарушува уникатниот екосистем кој нашиот бисер го има. 

До расправата за состојбите во Охридскиот регион како заштитено природно и културно наследство од исклучителна универзална вредност, според предвидениот дневен ред од работата на Комитетот има уште пет точки, така што веројатно одлуката по нацрт-извештајот и идниот статус на заштитеното културно и природно наследство ќе биде познат во текот на денот.

Што се однесува на нацрт-верзијата на самата одлука, во неа се нотираат слабостите за односот на државата, институциите, властите на национално и локално ниво кон Охридското Езеро и градот Охрид како природно односно културно наследство прогласени за светско богатство и несоодветниот одговор на државата и институциите по забелешките нотирани од Светската организација, со конкретен предлог регионот да биде впишан на Листата на УНЕСКО со светски богатства во опасност.

Претходно, 34 организации и граѓански здруженија од Северна Македонија и Албанија испратија писмо до Комитетот за светско наследство во кое се бара од УНЕСКО Охридскиот регион да биде впишан на Листата на светски наследства во опасност.