Годишен концерт на Мандолинскиот оркестар Скопје

Годишниот традиционален концерт на мандолинскиот оркестар „Скопје“ ќе се одржи на 12 декември, в среда со почеток во 20 часот во Фоајето на Македонската опера и Балет.

Младите мандолинсти ќе настапат под диригентската палка на диригентите Рамадан и Ерхан Шукри, а дел од програмата ќе бидат безвремените оригинални композиции, напишани наменски за мандолински оркестар од К.Мандонико, Д. Крајдлер, Д. Хакнет, С. Рахмањинов, А. Карас, И. Ордуљ и Љ. Бранѓолица.

Мандолинскиот оркестар „Скопје“во своите 17 години постоење секогаш на годишните концерти се претставувал со неспорна виртуозност и музикалност, а репертоарот бил исполнет со најрепрезентативните дела од оперската, балетската и симфониската музика од светското музичко наследство. Инструменталистите од овој оркестар исполнуваат и популарна забавна музика, стилизиран и обработен фолклор, дела посебно напишани за мандолински оркестри, композиции од македонски автори, како и композиции за деца. Оркестарот е добитник на многу први, специјални награди на престижни фестивали и натпревари надвор од Македонија, како и на Гран При награди освоени во Имотски и Москва.