Годинава Велигден ќе ни биде поевтин, јагнешкото и јајцата по стара цена

Годинава најголемиот христијански празник ќе го прославиме по стари цени. По најавите за поевтинување на јагнешкото, на неколку дена пред Велигден на зелените пазари јајцата се продаваат по стара цена. Изгледа изостана вообичаената практика во маркетите и зелените пазари на претпразнично поскапување на цената на месото и јајцата.

Во моментот во маркетите едно јајце чини околу 6,7 денари, односно цената на табла со 30 јајца големина ел е 200 денари. Во некои супермаркети цената на јајце достигнува и до 8 денари, односно кутија со 10 јајца се продава за 80 денари. Цената е најниска на зелените пазари каде што може да се најдат јајца и за 5 денари. Табла јајца во маркетите чини 240 денари, а на зелените пазари 30 јајца може да се купат по цена од 150 денари.

И покрај очекувањата цената на јајцата пред Велигден да скокне за два денари, тоа по се изгледа нема да се случи, бидејќи и на неколку дена пред празникот тие се продаваат по стара цена. Трговците велат дека тезгите се полни со јајца и оти се уште не се чувствува недостигот на јајца. Тие со душа го чекаат празникот, бидејќи продажбата на јајца во последните години значително им се намалила. Велат дека граѓаните се помалку купуваат, а дополнително на нивната заработувачка влијаат и политичките случувања во земјава.

- Тезгите се полни со јајца, јајца има колку сакаш, туку нема побарувачка. Нивната цена и овој Велигден е иста како и лани. Не очекуваме да има дефицит на јајца, но може да се случи последните денови да има помала понуда, бидејќи ние ќе набавуваме јајца до среда. За да немаме залиха и да не ни се случи јајцата да се расипат и после да ги фрлиме, вели една продавачка на Зелено пазарче.

Според трговците продажбата е опадната, бидејќи во последниве години не се обрнува големо внимание на традицијата на бојадисување на јајца. Младите едвај чекаат да спојат неколку дена и да одат во Грција.

Граѓаните велат дека прво прават анализа на пазарот и на цените, па на крај одлучуваат што и од каде ќе купат.

- Дел од намирниците се со намалена цена за разлика од минатата година, или пак се со иста. Најважно е тоа што не се драстично покачени како претходните години, кога едвај успевавме да ја наполниме трпезата. Годинава конечно ќе имаме полна трпеза, вели една потрошувачка.

Друга потрошувачка се согласува дека цените не се високи, дури се и нормални, но со малите плати и пензии се им е скапо.

Меѓутоа и покрај тоа што е последна недела пред Велигден, на зелените пазари не можеше да се забележи вообичаената претпразнична гужва.

- Најголемите гужви се очекуваат во петок и сабота, кога не е исклучена можноста цените да отидат погоре бидејќи е последен ден пред Велигден, вели еден трговец.

Според предвидувањата на Здружението на живинари во Стопанската комора на Македонија, домашното производство на јајца е намалено за 16,5 отсто на дневно ниво. Слична е ситуацијата и во регионот ниту Србија ниту Грција, па и Европа во моментот не располага со вишок јајца.

Во Македонија производството на јајца е намалено поради неисплатливост, а во регионот и Европа поради птичјиот грип, кој ја сотре живината, велат од Здружението.

И одгледувачите на живина го потврдуваат фактот дека производството на јајца во Македонија е намалено. Според нив, на дневно ниво тоа е намалено за околу 200 илјади. Лани на ден се произведувале 1,2 милиона, а сега само 1 милион јајца.

 

Извор: вечер.мк