Годинава рекорден број учесници на „Скопје трча 10к“

В недела, на 6 октомври во Скопје ќе се одржи третото издание на атлетската трка „Скопје трча 10к“, на која организаторот најави рекорден број учесници од рекорден број земји.

- Ова ќе биде трето издание на трката ‘Скопје трча 10к’ и овој пат имаме рекорден број пријавени, 1900 тркачи од 24 земји. И оваа година почеток и крај ќе биде фонтаната кај Градски парк, но сега нема да се трчаат два круга, туку еден. Ќе се трча до крај по ‘Илинденска’ , потоа лево на улица ‘Никола Парапунов’, па десно на ‘Партизанска’ и кај мостот ‘Влајко’ натпреварувачите ќе вртат полукруг. Ќе трчаат по ‘Партизанска до семафорите кај ‘Сити мол’, каде што повторно ќе свртат полукруг назад по партизанска, до улицата „Никола Парапунов’, десно по ‘Илинденска’ и до целта кај фонтаната“, рече Кире Синадиновски, директорот на Визер Скопски маратон.

Трката „Скопје трча 10к“ ќе почне в недела од 9 часот. Ќе се трча во неколку возрасни категории, ќе има и рекреативна трка, штафета 2х5 километри и, секако, трка со професионални натпревварувачи, некои од нив и од велесилата во трчањето на долги патеки, Кенија, кои ќе бркаат што подобар резултат.