Годинава не бил дозволен концерт пред спомен-куќата на Тоше Проески - негов пријател: „Со триста маки создадовме традиција, а сега не ни дозволија да продолжиме“

Стерули Штерјоски, пријател на легендарната музичка ѕвезда Тоше Проески и еден од луѓето кои стоеле зад организацијата на концертите, кои три години по ред во Крушево се одржувале пред спомен-куќата на Тоше, јавно реагираше дека годинава не им било дозволено да продолжат со настанот, кој бил посветен на зачувување на споменот за македонската музичка легенда.

Во објава на Фејсбук, Штерјоски се наврати на 5 октомври, датумот кога Тоше го одржа својот последен концерт, и на идејата токму на тој ден Крушево секоја година да му оддава музичка почит.

„Пред четири години, во 2022, со триста маки, труд и голема љубов, за првпат успеавме еден таков концерт да се одржи во Крушево – пред Спомен-куќата на Тоше“, напиша Штерјоски.

Тој потсети дека на концертот учествувале Камерен оркестар, целиот бенд на Тоше, како и познати музички имиња од Македонија и Балканот.

„Тоа беше вечер која тешко се опишува со зборови. Верувавме дека Тоше, од небото, се радуваше што неговиот град пее за него“, наведе тој.

Според Штерјоски, три последователни години организаторите се обидувале концертот да го претворат во трајна традиција, со која ќе се зачуваат ликот, делото и музичкото наследство на Тоше Проески.

Но, на 5 октомври годинава, наместо концерт, во Крушево немало продолжување на манифестацијата.

Тој не прецизира кој не дозволил концертот да продолжи, ниту ги наведе причините поради кои годинава не се одржал.

Штерјоски нагласи дека, без оглед на прекинот на концертите, љубовта кон Тоше и спомените од претходните музички вечери остануваат.