Година на пандемија, стрес и страв од непознатото: 2020 да не се повтори никогаш

Не можеме магично да очекуваме поубава година, но можеме да се надеваме дека 2020 никогаш веќе нема да се повтори.

Кога во декември 2019 година за прв слушнавме за страшниот вирус кој ја опфаќа Кина, не можевме ни да претпоставиме дека тој ќе дојде со вртоглава брзина и кај нас и ќе се задржи многу подолго од очекуваното.

Средината на март ни ги донесе првите сериозни случаи и првиот карантин. Си велевме еден карантин е, ќе се издржи, така мора, но потоа следеа многу од нив. Полициски часови, долги викенди во карантин, празни улици, празни паркови и игралишта. 

Се расправавме на социјалните мрежи во текот на целата година: кој го донесе вирусот, дали е вистински, кој носи маска, кој не носи маска, зошто треба да сме внимателни, а болниците се преплавуваа со болни од коронавирусот. Во меѓувреме, целиот живот се стави на чекање. Славевме родендени сами, ги откажавме свадбите, не можевме да се збогуваме како што треба со најблиските кои го напуштија овој свет. 

Младите луѓе не ја замислуваа вака својата младост, денови поминати во онлајн настава, љубовни врски преку интернет, дружење преку мобилните телефони. Затворени кафулиња, затворени дискотеки, затворени граници, откажани патувања, откажани матури и славења. 

Стотици болни од други болести, стотици казнети поради неносење маска,  илјадници отпуштени, илјадници загрижени за својата иднина и своите семејства. Чекавме и чекавме да стане подобро. Но, есенскиот бран ни покажа дека ќе почекаме уште малку повеќе. Зимскиот бран ни донесе голем број заболени и уште поголем страв дека сето ова ќе потрае до недоглед. 

Семејно насилство, нарушено ментално здравје, лоша исхрана, стрес од неизвесноста, патетични политички изјави... се таложеа како ѓубре во контејнерите за време на карантинот. Научивме колку се важни витамините, колку е важна хигиената, колку е најважно да сме тука покрај блиските и за жал, научивме колку е лош овој вирус кој одзема илјадници жртви. Ја научивме најважната лекција колку лесно можеме да изгубиме близок член од семејството и колку често ја занемаруваме љубовта од најблиските. 

Сфативме колку се важни прегратките, едноставниот допир, случајните насмевки кои сега веќе ги снема под маските. Не е важно кој прв се скарал, кој рекол нешто, кој не се јавил. Оваа година ни донесе лекција дека можеме да наоѓаме начини да се поврзаме и тогаш кога се чувствуваме најдалечни еден од друг.

Многу  работи станаа неважни.

Не можеме да очекуваме дека 2021 ќе ни донесе магија и добросостојба.Не постои магично стапче кое ќе ни помогне да заборавиме на 2020 и кое ќе ни донесе златен сјај на 2021. Но, можеме само да посакаме.

Искрена љубов

Повеќе прегратки и насмевки

Благосостојба и спокој

Повеќе работни места

Почист воздух и животна средина

Помалку сиромаштија

Функционална вакцина против коронавирусот

Подобра инфраструктура

Благодарност за тоа што го имаме

Подобро ментално и физичко здравје за нас и нашите најблиски

Систем на правичност

Политичари кои не забораваат кој ги избира

...