„Го сакам Водно“: За чист воздух дрва за огрев од белите дробови на Скопје

Почни ја грејната сезона со Водно, гласи ироничната порака од граѓанската иницијатива Го сакам Водно, по повод масакрот што е направен на дрвјата за изградба на гасоводот од Скопје за Тетово и Гостивар.

– Вака се управува со заштитено подрачје. Ова е пример за сите не само во регионот, туку пошироко и во ЕУ. Како да заштитиш хабитати, видови, како да обезбедиш чист воздух со обезбедување на дрва за греење… Под покровителство на Град Скопје, градот кој се грижи за Водно, гласи пораката на граѓанската асоцијација на нивниот профил на Фејсбук.

Честопати се повторува дека планината Водно е еден од белите дробови на Скопје. Во изминативе години, тоа го слушавме од лица кои сега се на власт во Градот и во централната власт, а деновиве ги нема да се огласат за тоа што му се слчува на Водно.

Од Министерството за екологија стигнуваат соопштенија и информации дека имаат План за чист воздух, дека организираат работилници за чиста животна околина, дека одржуваат состаноци… А додека тоа трае се уништува Водно.

Замрен е и гласот на бројните невладини организации, екологисти и граѓани кои во изминатите години бурно реагираа за секоја пресечена грмушка или скапана јасика во Скопје од тогашните „режимски секири“.