„Го сакам Водно“: Итно да се донесе специјалниот закон за Водно

Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ бара итно да се донесе специјален закон со кој заштитата на Водно нема да зависи од постапката на ревалоризација со која ќе се тргне заштитата од најголемиот дел, туку ќе се заштити перманентно секое дивеење и злоупотреба на планината. „Водно нема време за чекање на евалуации и експертизи, од кои на крај ќе остане незаштитено и целосно раскопано“, порачаа од „Го сакам Водно“.

Од таму велат дека градоначаликот на Град Скопје, Петре Шилегов, ветил специјален закон за Водно, но нема ништо од тоа, а самоволието на падините продолжува.

„Град Скопје демантира дека е пробиен пат на Водно, негира поврзаност на мистериозниот пат низ Водно со гасоводната траса на која се работи, објаснувајќи дека се работи за ’постоечка патека/пристапен пат до постоечки имоти (ниви) кој изминатиов период е исчистен (порамнет)’. Многу интересно е што баш сега, пред почеток на зимата, по години и години оставен ’непорамнет’, патот наеднаш се срамнил за сопствениците на нивите да дојдат до нив и ги работат. Се прашуваме што ги навело баш сега на вакво потег? Да не им текнало пченица да садат? Патеката/патот на google earth преку сателитските снимки што ги прават неколкупати годишно не може да го видите ни годинава, ни лани, ни изминатите години, има зеленило на негово место“, велат од „Го сакам Водно“.