Го користи ли некој пешачкиот мост на Бит пазар - дивиот премин сè уште отворен

Пешачкиот мост на Бит-пазар не може да се користи. Ѓубре, измет, шприцови има на двете простапни страни, па луѓето се изложени на опасност и прометниот булевар „Крсте Петков Мисрков“ го минуваат на пешачкиот премин.

Дивиот премин кај Бит Пазар низ кој секојдневно минуваат граѓаните, сè уште не е затворен. Ветувањето од градоначалникот на општина Чаир дека овој проблем ќе се среди, сè уште не е исполнето.

Пешачкиот мост е изграден за пешаците, но тие не го користат. Тие се жалат дека поставениот лифт не функционира од кога е изграден.

„Јас не можам да одам преку мостот бидејќи не сум добар со здравјето, а да не зборуваме за повозрасните, тие не можат да одат преку мостот“, вели еден од пешаците.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, неодамна изјави дека граѓаните не ги почитуваат сообраќајните знаци, но не вети затворање на овој див премин.

Во врска со овој проблем на својот Фејсбук профил се огласи и советничката во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Светлана Колариќ. 

Едно од моите советнички прашања на денешната седница на Совет на Град Скопје беше: Колку време е потребно на градоначалникот на Скопје и неговиот колега од општина Чаир да го решат дивиот премин? Дали не се доволен показател сообраќајни незгоди, удрени пешаци и жртви? Дали е нормално да зборуваме за диви премини во 2021 година во централно градско подрачје со огромна фреквенција на возила и граѓани?, вели советничката во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Светлана Колариќ.

-Овој пат Градоначалникот го снема! Дали поради технички проблем? Дали поради игнорантскиот однос кон мене? Дали поради игнорантски однос кон многу голем проблем за граѓаните и држејќи го концептот цитирам „Никад да не ме гласате“? Дали можеби причината е незнаење на одговорот? Дали е во прашање коалиционен договор но со акцент на бизнис интерес на еден стопанственик во близина на пазарот??? Времето ќе ја изнесе вистината на виделина! Моето е да им служам на граѓаните и да ги канализирам нивните барања и поплаки до главниот на градот убав, пишува таа на Фејсбук.