Го чистат ли изметот од милениците нивните сопственици - се почитува ли Законот

Им здодеа на скопјани секојдневно да газат по кучешки измет на јавните површини, на улица, на тротоар, во паркови. Комуналците не можат да стигнат да исчистат секаде каде што поминале уличните бездомни животни, а некои од сопствениците на кучиња не се секогаш расположени да го исчистат она што зад нив го оставиле нивните миленици.

Не се расположени за чистење и некои од активистите од организациите за заштита на животните, па и граѓаните што честопати им оставаат куќички или друг вид засолништа на бездомните кучиња да се заштитат во студените денови. Им носат храна, но не сакаат да чистат по нив, како што тоа го прават, пак, некои одговорни граѓани и активисти. Сопствениците на кучиња се должни да чистат по своите миленици и секогаш кога ги носат на прошетки на отворено со себе да си носат најлонска ќесе и лопатче, а изметот да го фрлат во соодветно поставените канти.

Иако има голем број одговорни сопственици, има многумина што не се грижат доволно за своите миленици и не сакаат да го подигнат изметот. Таквите се арогантни, дури и насилни ако некој граѓанин им пререче дека се неодговорни кон другите граѓани. Поради тие причини често се случува на јавните површини, како градските паркови и други зелени површини, на улиците и тротоарите да се забележи кучешкиот измет што е оставен од неодговорните, недомаќински сопственици.

Има многу примери на сопственици што навистина не се грижат за нередот што го оставаат нивните миленици на јавни површини. Па, токму поради нивното неодговорно однесување, скопјани велат им се случува да нагазат на кучешки измет и споменуваат вакви примери на патеките во парковите на улиците Јуриј Гагарин, Рузвелтова, кај градинката 13 Ноември во Центар и многу други. Најтажно е што купишта кучешки измет од домашни миленичиња се забележуваат до детски градинки и основни училишта. Тој измет таму не е од бездомни кучиња, туку од миленици чии сопственици немаат никаква совест.
Иако има парк за кучиња со посебни канти за фрлање на ваквиот отпад, овие неодговорни сопственици ги шетаат своите миленици во парковите каде што си играат деца или се одмораат граѓани, кои можеби не сакаат или се плашат од кучиња. За вакви примери на неодговорно однесување знаат да прозборат и некои сопственици на кучиња што се движат во такви кругови или често одат во паркови каде што ги шетаат своите миленици.

– Имам куче што има потреба од надворешно движење. За да ја истроши својата енергија, морам да го носам на прошетки, во спротивно ќе имам проблем и не знам како ќе се справам со неговата енергија ако цело време остане дома. Затоа во приквечерните часови одам со него на шеталиштето во Влае, кое се наоѓа покрај кејот на Вардар. Секогаш кога го шетам моето куче си носам посебна ќесе за измет, кој го фрлам во кантите што се за таа намена. Пред некој ден кога го шетав кучето забележав младо момче што исто така го шеташе своето куче, но, за жал, тоа не беше толку заинтересирано да собере по него. Откако неговиот миленик си ја заврши работата, момчето си продолжи исто како ништо да не се случило. Ваквите случаи не се ретки и сметам дека тоа не треба да се дозволи – вели Елена Божиновска.
Речиси секојдневното забележуваме како некои сопственици на кучиња ги игнорираат ваквите ситуации и не се придржуваат кон своите обврски, можеби и затоа што малкумина биле казнети.

За оние што нема да го соберат изметот од својот миленик има и соодветни казни, а Законот за јавна чистота предвидува парична казна од 50 евра. Од градот Скопје велат дека во градот има околу 100 канти наменети за измет од кучиња. Исто така додаваат дека работат на случајот за зголемување на бројот на вакви канти и имаат намера тие да бидат поставени на многу повеќе локации отколку што има сега.

– Градот Скопје редовно поставува специјализирани канти за миленици во сите поголеми паркови, а вакви канти има и во сите специјализирани паркови за миленици, и работиме на константно зголемување на нивниот број и локации. Дополнително, изминатиов период градот Скопје набави 950 канти за џебен отпад, од кои 100 се приспособени за отпадоци од домашните миленици. Сопствениците на домашните миленици се должни да го соберат отпадот што го прават милениците. Ова е казниво во согласност со Законот за јавна чистота, каде што е предвидена казна од 50 евра, а тоа можат да го санкционираат инспекциските служби на градот Скопје и општините – велат од градот Скопје.

Оттаму додаваат дека нивните инспекциски служби и редарите редовно вршат контрола на јавните зелени површини што се во надлежност на градот, како и дека изрекуваат и опомени и казни, но не соопштија бројка колку се изречени годинава.