Глобалната економија ќе се соочи со поголем пад отколку што претходно беше проектирано

Финансиската институција со седиште во Вашингтон предвидува дека годинава глобалниот јавен долг ќе биде над 100 проценти од БДП.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денеска предупреди дека глобалната економија ќе се соочи со поголем пад отколку што претходно беше проектирано, а исто така и јавните финансии на државите значително ќе се влошат по напорите на владите да ги сузбијат негативните економски ефекти од пандемијата со Ковид-19.

ММФ сега проценува дека глобалниот пад годинава ќе изнесува 4,9 отсто додека во април предвидуваше пад од три проценти.

Пандемијата со Ковид-19 имаше поголемо негативно влијание врз економската активност во првата половина од 2020 година отколку што беше предвидено, а се очекува и заздравувањето да биде попостапно отколку што претходно беше прогнозирано, се наведува во ажурираниот извештај на ММФ за „Светските економски изгледи”.