Гласна музика причина за казна на три познати кафулиња од Скопје

Општина Центар тргна во акција против прегласната музика, при што нејзините инспектори констатирале дека во три од проверените кафе-барови бучавата ја надминува дозволената граница.

„По налог на Општина Центар, а по барање на жителите, овластена фирма изврши мерење на бучавата во кафе-баровите „Интермецо“, „Бастион“ и „Џуси бар“. Кај овие три локали констатирано е дека бучавата што доаѓа од нив ја надминува максимално дозволената граница. Казните за одговорните и за правните лица ќе бидат изречени според позитивните законски прописи.

На пријава од граѓани овластен инспектор од Општина Центар излезе на терен и утврди дека музиката што доаѓа од кафулињата им го нарушува мирот и сонот на жителите од околината.

Општина Центар и градоначалникот Андреј Жерновски повторуваат дека нема да дозволат загрозување на мирот на жителите и ќе продолжат со преземање мерки против гласната музика во објектите.

Затоа, уште еднаш ги повикува сите жители на Центар да се вклучат и да помогнат во решавање на овој проблем, со тоа што ќе пријават гласна музика за да може инспекциските служби бргу да реагираат и да преземат соодветни мерки“, се вели во соопштението на Општина Центар.