„Гласен текстилец“ најостро се спротивставува на предложените антиковид-мерки

Здружението „Гласен текстилец“ најостро се спротивставува на предложените антиковид-мерки кои се однесуваат за сите вработени во јавниот сектор, односно вработените во локалната самоуправа, во државните институции, при одење на работно место да да прикажат потврда за примена најмалку една доза вакцина или негативен ПЦР-тест направен на сопствен трошок. 

Во објавата на социјалните мрежи, „Гласен Текстилец“ смета дека тие се косат со позитивните прописи и меѓународни стандарди за човекови права.

–Здружението „Гласен Текстилец“ најостро се спротивставува на овие предлог мерки и укажуваме на Владата да не ги усвојува бидејќи самата Предлог-одлука за задолжително вакцинирање на вработените од јавниот сектор е неуставна и противзаконска т.е. спротивна на чл. 9,10,11 и 27 од Уставот, спротивна на членовите 6,7,14 и 25 од Законот за заштита на правата на пациентите и спротивна на членовите 8,9 и 12 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, се вели во соопштението од здружението. 

Оттаму бараат веднаш да бидат повлечени овие мерки кои, како што велат, задираат во човековата слобода и дејствување. Во спротивно, тие ќе покренат иницијатива за оцена на уставноста и законитоста пред Уставниот суд и ќе ги повикаат на протест вработените и од јавен и од приватен сектор против ваквите мерки.