
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски сподели дека денеска, заедно со отец Оливер од хуманитарната организација „Св. Спас“ од Драчево, подготвиле повеќе од 200 оброци кои ќе бидат распределени во пунктовите на народните кујни на Скопската Епархија.
„Во денови кога тишината понекогаш зборува погласно од зборовите, а потребата за човечка топлина е поголема од било кога, најголемата вредност што можеме да ја подариме е, вниманието. Да направиш некого да се почувствува сакано, згрижено и забележано, да подадеш рака таму каде што надежта тивко чека. Барем за миг да внесеш светлина во нечие срце и мир во нечии мисли е токму тоа што мене, како човек, најдлабоко ме исполнува, истакна Ѓорѓиевски, оценувајќи го ова како мал гест, кој носи силна порака дека човечноста живее и дека добрината не згаснува.
Тој вели дека биле свесни дека не можат да помогнат насекаде и на сите, но вели дека можат да дадат сè од себе за оние на кои им е најпотребно, за сограѓаните да знаат дека не се сами.

„Со отец Оливер, човек кого е благослов да го имаш покрај себе и кој секојдневно сведочи дела достојни за длабока почит, сме заедно уште од самото формирање на организацијата. Зад нас стојат бројни хумани дела, а пред нас уште многу можности да правиме добро. Така ќе продолжиме и понатаму. Затоа што само преку добри дела, без разлика на политичка, верска, етничка или каква било припадност, можеме да создадеме насмевки и да внесеме светлина таму каде што таа недостига“, порача градоначалникот.
Тој ги повика сите кои можат, кои имаат и кои во срцето носат желба да помогнат, да се приклучат на оваа благородна мисија.