Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски инфомираше дека населбата Пинтија ќе добие затворен спортски објект на површина од 350 м2. Градоначалникот посочи дека со оваа инвестиција се вложува во физичкиот развој на децата, нивниот спортски потенцијал и здрав живот.
„Салата има површина од околу 350м2 и е лоцирана во рамките на ПОУ „Рајко Жинзифов“, каде што со години наназад наставата по физичко образование се одвиваше во несоодветни и супстандардни услови. Во моментов се поставуваат панели и прозорци, додека следната фаза вклучува поставување на електричната инсталација. Градежните активности се одвиваат според предвидениот динамички план, а до крајот на февруари салата ќе биде целосно завршена и ставена на користење на учениците.Рамномерниот развој на општината е наш приоритет, а преку изградба на спортска инфраструктура обезбедуваме подобри услови за учениците и младите“, посочи градоначалникот
Ѓорѓиевски потенцираше дека оваа сала е дел од визијата за унапредување на животниот квалитет во Кисела Вода но и за подигнувањето на стандардите во образованието, а тоа се докажува со бројни инвестиции во обнова на училишната инфраструктура со посебен акцент на спортот.
„Не само во Пинтија, туку и во сите останати населби во општината работиме на создавање на модерни и функционални училишни простори, со цел да обезбедиме подобри услови за образовниот процес и правилен развој на младите.Продолжуваме и понатаму со реализација на проекти кои значат подобрување на условите за образование и спорт, следејќи ја визијата за создавање здрави генерации и подобар животен стандард за сите граѓани“, напиша Ѓорѓиевски.