Ѓорѓиевски за проектот за БРТ: Пронајдено е функционално решение со кое ќе се задржи средишното зеленило

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во вчерашното гостување на Сител ТВ во „Тема на денот“ изјави дека по повеќегодишното одложување на проектот за БРТ пронајдено било функционално решение со кое ќе се задржи средишното зеленило, наместо негово отстранување.

„Во минатото, повеќе од инает се дозволи со години да стои проектот во исчекување. Најкритичната точка беше средишното зеленило коешто во минатото требаше да се отстрани. Ние го променивме концептот, затоа што има алтернатива која може да биде функционална – наместо на средината да се отстранува средишното зеленило, автобусите да одат од левата и од десната страна, притоа да го задржиме средишното зеленило и да се додадат уште две траси“, изјави Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски, исто така, соопшти дека првата фаза за инфраструктурно поврзување меѓу Ѓорче Петров и Новата железничка станица е веќе започната, а првите градежни активности се очекуваат во втората половина од следната година.

„Реално проекциите беа наредната година да започнеме со овој дел од тендерските постапки, но бидејќи навремено ја завршивме целата работа, ние ја распишавме едната фаза којашто предвидува инфраструктура – тоа е поврзувањето Ѓорче Петров со Ново Лисиче. Имаме и втора фаза понатаму, којашто ќе опфаќа набавка на 40-тина нови еколошки автобуси“, појасни Ѓорѓиевски.