Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, кој денеска пристигна пред зградата во населбата Бирарија каде што избувна пожар, информираше дека на жената во чиј стан се случила несреќата, ќе и биде обезбедено сместување доколку нема каде да се смести и ќе и се додели еднократна парична помош.
Како што соопштија општинските власти, се работи за жена која била во станот каде што избил пожарот и девојка од станот над неа која вдишала поголема количина на чад.
-Се надевам дека се работи за полесни повреди и дека двете брзо ќе се опорават, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Додаде дека ако жената во чиј стан настанал пожарот во моментов нема каде да се смести, ќе и биде обезбедено сместување, и од страна на Општина Кисела Вода ќе и биде доделена еднократна парична помош.
-За жал вакви немили настани се случуваат, но најважно е да нема човечки жртви и штетата да е што помала. А ние, како локална самоуправа сме тука да излеземе како поддршка во овие први моменти, кога е најтешко, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.