
Влогот во образованието е влог во иднината. Горд сум кога резултатите од нашиот труд за кратко време се веќе видливи, што ни дава уште поголем мотив да продолжиме посилно и поодлучно, вели во објава на социјалните мрежи градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој денеска беше во посета на средните училишта во Скопје, кои што се опремени со нови клупи и столчиња.
„Обезбедивме и прочистувачи на воздух, преносни компјутери, десктоп компјутери, нови и модерни интерактивни табли, како и смарт панели кои овозможуваат современа, динамична и квалитетна настава, во чекор со времето и потребите на младите. Со целосна одговорност можам да кажам дека ова е најголемата набавка за средното образование досега, што јасно говори за нашата силна посветеност кон поквалитетно образование“, истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека модернизацијата и осовременувањето на наставните средства продолжува и понатаму, системски и плански.
Сподели и дека на денешната посета, по долги години, повторно ја видел неговата класна раководителка во средното медицинско училиште каде што се образувал.

„Средбата ми врати многу спомени од минатото и уште еднаш ме потсети колку е важна улогата на наставниците во градењето на нашите животни патишта“, посочи градоначалникот.
Паралелно, рече дека во фокусот е и реконструкцијата на спортските терени - проект, за кој вели дека веќе е во тек, објаснувајќи дека сакаат да ја поттикнат физичката активност и да се градат здрави животни навики кај младите од најрана возраст.
„Дополнително, сите средни училишта во Град Скопје ќе добијат и фотоволтаици, што е сериозна и одговорна мерка која ќе значи намалување на трошоците за електрична енергија, но и директен придонес во заштитата на животната средина. Сето ова е насочено кон унапредување на севкупната опременост, квалитетот и комфорот во училиштата, како силен стимул за развој на потенцијалот кај младите, порача Ѓорѓиевски.