Град Скопје започна акција за засадување 3.500 садници на јавните површини низ градот, а до крајот на сезоната за садење е планирано да бидат засадени вкупно 6.000 нови дрвја.

Со акцијата ќе се обновува зеленилото во постојните паркови, новите паркови, зелените површини долж булеварите и другите јавни простори во сите скопски општини.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека целта е да се зголемат зелените површини, да се обезбеди повеќе сенка во летните месеци и да се придонесе за почист воздух и поквалитетни јавни простори за граѓаните.
„Секое ново дрво е влог во градот во кој живееме и во иднината на нашите деца. Повеќе сенка за летните денови, почист воздух и повеќе зелени места за прошетки, игра и дружење“, порача Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека создавањето зелено и чисто Скопје е еден од неговите приоритети и дека градот ќе продолжи со активности за унапредување на зеленилото и јавните површини.