Ѓорѓиевски: Скопје повторно ќе биде горд град

Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, денес положи цвеќе пред паметникот на загинатите борци кои животот го положија за слободата на Скопје. Тој се осврна на историскиот момент и заслугата на партизаните за слободата која денес ја живееме, но и за обврската кон нив која ја имаме за Скопје повторно да биде убав град и поубаво место за живеење.

„Денешниот ден е симбол на една борба, на непокор, на храбриот македонски народ кој застанал на вистинската страна на историјата. Славиме еден јубилеј, славиме 80 години од моментот кога нашето Скопје беше ослободено од фашистичкиот окупатор и неговите слуги.
И денес се поклонуваме на најзаслужните, на плејадата борци, на хероите кои го положија својот живот и го славиме и чуваме нивното возвишено дело. Секој наш придонес кон поубав град е благодарност кон тие кои ни ја подарија слободата. А ние, имаме обврска кон предците да ја градиме приказната за Скопје и ветувам – ќе го дадеме и последниот атом од нас повторно да му дадеме нов, модерен лик и да го направиме град во кој ќе биде гордост да се живее. Скопје го чекаат поубави времиња, тој повторно ќе биде горд град“, рече Ѓорѓиевски.