Ѓорѓиевски: Скопје го добива најголемиот ритејл парк, во Кисела Вода

Градоначаникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски на социјалните мрежи инфомираше дека изградбата на Home Retail Park, најголем и прв трговски парк од ваков вид во Македонија, претставува значаен економски импулс за нашата општина. Оваа капитална инвестиција во индустриската зона Пинтија, во близина на Стаклара, ќе биде на површина од 35.000 м² и ќе чини 15 милиони евра.

„Ќе обезбеди 20.000 м² модерен комерцијален простор, создавајќи можности за вработување на околу 300 лица и значајно заживување на локалната економија. Вложувањата од ваков обем го потврдуваат фактот дека Кисела Вода станува сè попосакувана дестинација за бизнисите.  Овој проект не само што ќе создаде 300 нови работни места, туку и ќе придонесе кон развојот на оваа индустриска зона, подобрувајќи ги условите за живот и работа во нашиот град. Home Retail Park ќе биде единствена локација каде што граѓаните ќе можат да најдат сè што им е потребно за својот дом – од мебел, домашни апарати и декорации, до градинарска и бањска опрема. Покрај тоа, ќе располага со модерни кафетерии и ресторани, како и 600 паркинг места за посетителите, создавајќи комплетно шопинг искуство“, напиша Ѓорѓиевски.

Според него ова ново место ќе биде нов центар за паметно купување каде семејствата ќе можат да го уредат својот дом на наједноставен и најудобен начин. Ѓорѓиевски посочи дека ова е инвестиција во иднината, во подобар начин на живеење и во развојот на локалната економија, каде Кисела Вода добива уште една значајна стопанска и урбана придобивка, а отворањето на Home Retail Park е предвидено до крајот на 2025 година.