
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска се сретна со делегацијата на Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој, со цел продлабочување на соработката за реализација на стратешките инвестиции што му се потребни на главниот град.
Ѓорѓиевски посочи дека посебен акцент бил ставен на Брзиот автобуски превоз - БРТ.
„Веќе е започната постапката за претквалификација на изведувачи за Линија 1, а паралелно продолжуваат активностите за обезбедување стручна поддршка за реализација на проектот. Скопјани заслужуваат побрз, посигурен и поквалитетен јавен превоз“, истакна тој.
Градоначалникот додаде дека за време на средбата се разговарало и за пречистителната станица за отпадни води во Трубарево, оценувајќи ја како инвестиција од огромно значење за заштитата на водите, животната средина и здравјето на граѓаните.
„Ја потврдив и определбата за понатамошна соработка во модернизацијата на инфраструктурата, енергетската ефикасност и реализацијата на Зелениот акциски план за Скопје“, наведе Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој воедно упати благодарност до делегацијата, раководството и тимот на ЕБОР за посетата, долгогодишната поддршка и конструктивната соработка.