Ѓорѓиевски: Се ослободува трасата за конечно ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска информираше дека се ослободува трасата за конечно ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“.

„Она што со години стоеше заглавено, денес конечно се придвижува. Започна ослободувањето на трасата за ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“! По истекот на рокот за иселување на семејствата чии имоти беа опфатени со завршената експропријација, создадени се услови да продолжиме со следниот, клучен чекор кон неговото отворање“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека мостот конечно ќе ја добие својата вистинска смисла, да ги поврзува луѓето од Гази Баба и Аеродром, да го олеснува сообраќајот и да го скратува времето поминато во градскиот метеж.

„Кога ја презедов одговорноста да го водам Скопје, ветив дека овој проблем ќе го решиме во текот на мојот четиригодишен мандат. Денес, за помалку од една година, со гордост можам да кажам дека правиме решителен чекор кон исполнувањето на тоа ветување. Со посветена и макотрпна работа го решивме клучниот предизвик за ослободување на овој дел од трасата - експропријацијата“, додава градоначалникот.

Паралелно, наведува и дека продолжува и експропријацијата на преостанатиот дел од булеварот за целосно завршување на оваа важна сообраќајна врска.

Притоа, Ѓорѓиевски упати искрена благодарност на семејствата со кои заеднички бил овозможен овој исчекор.

„Знам дека зад секој дом стојат години живот, спомени и длабока приврзаност. Затоа нивното разбирање, доверба и подготвеност за договор заслужуваат почит. Ви благодарам што подадовте рака и што станавте дел од решението кое носи придобивки за цело Скопје“, порача тој.